08/06/2025

Муцунски: Со Мицкоски остваривме средби со високи претставници на ЕУ, уставни измени под бугарски диктат не прифаќаме

Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ заедно со претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Николоски се во дводневна работна посета на Брисел, каде е предвидено да остварат повеќе средби. Тие вчера ја завршија средбата со господинот Морду, кој е главен советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски при својата изјава за Алфа телевизија од Брисел.

Муцунски посочи дека продолжуваат и на работна средба со Сагарц, кој е еден од известувачите за Македонија во Европскиот Парламент, а во текот на денешниот ден имаат повеќе средби, меѓу кои е и со претседателот на Европската Народна Партија, господинот Вебер и со потпретседателот на Европската Народна Партија кој што исто така истовремено претседава со Комисијата за надворешна политика во Европскиот Парламент Дејвид Мекалистер.

„Примарна цел е да ги потврдиме позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои што се насочени кон заштита на националните интереси и гледањето на евроинтеграцискиот пат низ таа призма, неприфаќањето на уставни промени под овие околности и под бугарски диктат, и нашата оценка дека е потребно македонскиот евроинтеграциски пат да се гледа низ призмата на реалните европски критериуми“, нагласи Муцунски.

Тој исто така додаде дека се зборувало и за загрижувачката состојба во Македонија, за се пораспространетата корупција која што ја има и е евидентна на секое поле коешто низ призма на секојдневните известувања кои и медиумите ги прават, како и други институции за тоа колку се лоши состојбите внатре. Во таа насока нудење на конкретни решенија, конкретни планови кои се размислувањата во делот на напредокот на системот на владеење на правото, системот на борбата против корупција, нашите погледи кон економските реформи и сето она што е значајно за Република Македонија.

„На полето на корупцијата и правосудството и по изјавите на претставниците на земјите членки кои ги имаме и дома присутни во Македонија гледаме дека има одредени грижи за тие состојби. Од наша гледна точка ние фокус ставивме и на тоа што треба да биде решение. Едно е вие да мапирате проблем, тоа може секој да го направи, но наша обврска како сериозен политички субјект е и да нудиме решенија на сите тие проблеми и предизвици“, рече Муцунски.

Споделете