Бујар Османи: Бугарија не може да постави нови услови – преговарачката рамка е затворена

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција на првиот ден од третото издание на Преспа форумот за дијалог, во врска со делот од германската резолуцијата, во кој има повик Бугарија да се воздржи од поставување нови услови за евроинтеграциите на Македонија.
– Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност, истакна Османи.
Тој потсети дека во Преговарачката рамка се и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, во генералниот дел, каде се проценуваат добрососедските односи, а не во делот на патоказите.