09/06/2025

Германскиот „Бундестаг“ денес ќе донесе резолуција за поддршка на Македонија

Германскиот Бундестаг денеска ќе расправа и ќе гласа за резолуција за поддршка на Северна Македонија во ЕУ, на македонски јазик и со македонски идентитет.

Резолуцијата е насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ“ и е предложена од владејачката парламентарна група СПД, Зелените и ФДП.

Во Бундестагот ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтеграцијата и ситуацијата на Западен балкан.

Германските пратеници ќе побараат од федералната влада да постигне ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија кон Унијата се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со реален напредок“.

Сепак, се предлага со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон Унијата, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.

Се бара категорично да биде одбиено секое поместување на границите на земјите од Западен Балкан, како и нивно приклучување во НАТО, засилена борба против корупцијата, продолжување со „Берлинскиот процес“ за регионална соработка и реформи во рамките на ЕУ.

Во документите предложени во Бундестагот се вели и дека Западен Балкан останува „регион на латентна нестабилност“.

– Руската агресивна војна против Украина ја истакна ранливоста на границите во срцето на Европа, како и фактот дека замрзнатите или наводно просторно ограничените конфликти можат брзо да ескалираат и да се шират. Ваквите конфликти ја загрозуваат стабилноста и интересите на ЕУ. И покрај големиот напредок во последните децении, Западен Балкан останува регион на латентна нестабилност, каде организираниот криминал, корупцијата и слабото судство се широко распространети, сметаат германски парламентраци.

Во регионот, како што се нагласува, се уште опстојуваат и етничките и верските прашања.

-Во интерес на ЕУ е шесте држави од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – кои сè уште не се членки на ЕУ, но се директно опкружени со земји-членки на ЕУ, да постигнат долгорочна стабилност, владеење на правото, мирно решавање на споровите, цврсти демократски структури и економски просперитет. За да се случи тоа, овие земји мора да се влучат во ЕУ, стои во документот за кој денеска ќе се расправата и ќе се гласа во германскиот Бундестаг.

Споделете