08/06/2025

Продолжува субвенционирањето на сметките за парно

Владата на вчерашната седница донесе одлука за преземање мерка за финансиска поддршка со засметување на разликата на цена на топлинската енергија на вршителите на енергетските дејности на пазарот на топлинска енергија, за потрошената топлинска енергија од страна на потрошувачите од категоријата домаќинства, во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Оваа одлука за новата грејна сезона практично значи продолжување на субвенционирањето од страна на Владата во делот на сметките за топлинска енергија на домаќинствата, со цел заштита на домаќинствата од повисока цена на топлинска енергија, како што беше случај и досега, појаснуваат од Владата.

Мерката за финансиската поддршка е предвидено да се реализира согласно меѓусебните права и обврски утврдени со склучени договори помеѓу Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електраните на С. Македонија во државна сопственост, Скопје и носителите на лиценца за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на градот Скопје.

Мерката се однесува на временскиот период од денот на влегувањето во сила на оваа одлука – до истекот на рокот на утврденото постоење кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на системот за централно греење на кој грејната сезона трае од 15 октомври до  30 април.

Споделете