09/06/2025

Од денеска се „одмрзнуваат“ цените на основните производи – ќе има ли поскапувања?

Денес престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на одредени земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Ќе се „одмрзнат“ и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња, како и хигиенските влошки.

Надлежните ги уверуваат граѓаните дека поскапувања на овие производи нема да има, а доколку се случи тоа, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки. Тие додаваат дека ситуацијата се следи на дневна основа и оценката е дека засега нема простор за големи осцилации на цените.

Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија врз кои се изработува синдикалната потрошувачка кошничка, минималните трошоци на едно семејство во месец март изнесувале 50.070 денари.

-Согласно податоците што ги имаме, цените на повеќето производи се и пониски од нивото на замрзнаување кое сме го имале претходно. Ако од денот кога нема да важи одлуката за замрзнување има злоупотреба од страна на трговците, секако ќе следат различни мерки, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Според Бектеши, непродолжувањето на мерката за замрзнување на производите, меѓу другото, се должи на наглиот пад на инфлацијата во земјава, особено на прехранбените производи.

Очекувањето на Министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде под 10%, а Бектеши е оптимист дека вкупната инфлација за цела година ќе биде пониска од проектираното.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи смета дека нема услови да се зголемат цените на производите по одмрзнувањето и вели дека Владата ќе реагира ако за тоа има потреба.

За пекарската индустрија од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ, затоа што и онака поголемиот дел од производството се изведува во ноќните часови.

-Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше. Цената на суровини на светските берзи е намалена. Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук, природно се намалија дури за 40 проценти од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат, напомена Битиќи.

Споделете