09/06/2025

Градноачалникот Собјанин: Дронови погодија неколку згради во Москва

Беспилотни летала погодија неколку згради во Москва и предизвикаа „мали“ оштетувања, изјави градоначалникот на руската престолнина во вторникот рано наутро. Тој додаде дека нема сериозни повредени, а нема извештаи за загинати. Во меѓувреме, се вели дека најмалку едно лице загинало во новите руски воздушни напади врз Киев.

„Сите служби за итни случаи на градот се на терен“, рече градоначалникот Сергеј Собјанин во изјавата.

Руската државна новинска агенција РИА објави дека некои жители на зграда на улицата „Профсојузнаја“ во Москва на југот на градот биле евакуирани.

Москва, која се наоѓа на повеќе од 1.000 километри од Украина, ретко е цел на напади со беспилотни летала од почетокот на војната во Украина, но таквите напади зачестија на други места во Русија.


Се вели дека Русите собориле неколку дронови. Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов преку Телеграм објави дека се соборени неколку беспилотни летала кои летале кон главниот град, пренесува Ројтерс. Неколку други руски канали на Телеграм јавуваат дека меѓу четири и десет беспилотни летала биле соборени на периферијата на Москва и во нејзината непосредна близина.

Ниту Ројтерс ниту Гардијан не можеа независно да ги потврдат извештаите.

На социјалните мрежи веќе се појавија неколку фотографии и видеа на кои се гледаат димни патеки на небото над Москва. Некои скршени или оштетени прозорци може да се видат и на некои други снимки.

Претходно овој месец, Русија ја обвини Украина за обид за атентат на Владимир Путин, откако два дрона беа соборени во напад над Кремљ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги негираше тврдењата на Русија за вмешаност на Украина.



Најмалку една жртва во новите руски воздушни напади врз Киев

Русија, исто така, изврши нови напади со беспилотни летала врз Киев претходно во текот на денот, при што загина најмалку едно лице, а повредени се уште четворица. Украинската воздушна одбрана собори повеќе од 20 беспилотни летала, соопштија украинските власти.

Алармите за воздушен напад се огласија и во текот на ноќта во неколку други региони во централна Украина и на југот на земјата.

Остатоци од соборениот авион паднале на станбен блок во Киев, кој се запалил, при што загинал цивил, а четворица се повредени, јавува германската новинска агенција dpa. Операциите за пребарување сè уште се во тек, бидејќи луѓето се уште може да бидат заробени под урнатините. Остатоците од соборените дронови оштетија и неколку други згради и автомобили во Киев.

Според шефот на воената администрација во Киев, Сергеј Попко, Русија го извршила нападот со беспилотни летала од иранско производство.

Како што соопшти воената управа на Киев, денешниот напад е веќе трет во последните 24 часа. Руските сили истрелаа серија ракети врз Киев во понеделникот, принудувајќи ги жителите да се засолнат во засолништа. Во понеделникот вечерта, украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на украинските сили за воздушна одбрана што спасиле стотици животи.

Споделете