08/06/2025

Потпретседателот на Беса, Фатмир Лимани, со политичка анкета на Фејсбук: ВМРО-ДПМНЕ убедливо пред СДСМ, албанската опозиција пред ДУИ

Потпретседателот албанска партија Беса, Фатмир Лимани, објави своја анкета на својот фејсбук-профил, според која ВМРО ДПМНЕ има најголема поддршка кај македонското бирачко тело од 18, 1 проценти, додека СДС е на второ место со поддршка од само 11,2 отсто од гласачите.

Пренесувајќи ја неговата анкета, информативната агенција на албански јазик „Журнал“ пишува: „Во оваа анкета, со која Лимани изненадува, Движењето Беса и Алтернатива, заедно со ‘Огнената група’ имаат 9,1 проценти поддршка од гласачкото тело на Албанците, додека ДУИ и Алијансата за Албанците имаат само 6,8 отсто доверба кај албанскиот електорат.“

„Последните анкети ги обединуваат гласовите во различни политички табори. Изгледа се менува политиката во албанскиот политички блок. И покрај тоа што ДУИ го држи приматот како партија со најмногу гласови, групирањето на некои партии на една страна веќе ја симнува ДУИ на втората позиција.“

Лимани не наведува врз основа на што ја засновува ваквата позиционираност на политичките партии во македонскиот и албанскиот блок, но може да се претпостави дека тој се потпира врз последните неколку релевантни сондажи на јавното мислење и врз најновите случувања на политичката сцена во Македонија. Без сомневање, Фатмир Лимани ја има предвид и вчера потпишаната спогодба за соработка меѓу Беса и Алтернатива, со која се окрупнува албанската опозиција.

По средбата на партиските лидери Билал Касами на Беса и Африм Гаши беше објавена содржината на спогодбата, во која се нагласува, покрај другото: „Беса и Алтернатива ќе соработуваат и ќе се координираат во насока на градење опозициски табор, кој ќе ги вообличува и ќе ги брани стратегиските интегративни интереси на земјата, албанските етнички интереси и во целина граѓанските интереси. Натаму целта е оваа соработка да се прошири и на други рамништа на заемното политичко дејствување.“

„Наоѓајќи се на важна крстосница, кога интегративниот процес е во застој, кога политичката корупција стана единствениот успех на оваа власт додека албанските етнички права повторно запаѓаат во неповолна ситуација, историскиот момент наметнува сите албански политички сили, но и не само политички, да соработуваат, со цел да ја делегитимираат оваа корумпирана и неспособна власт, штетна за интересите на земјата и на Албанците.

Претходно Беса и Алтернатива јавно ја повикаа „Огнената група“ да се отцепи од ДУИ и да се претвори во нова политичка партија, „за да потоа сите заедно, како обединета албанска опозиција, ги испратат ДУИ во опозиција, а нејзиниот лидер Али Ахмети во политичка пензија“. Во овој контекст во натамошниот развој на ситуацијата може да здобие одредено значење фактот што токму потпретседателот на Беса Фатмир Лимани, инаку и внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, има блиски врски со „Огнената група“. Оваа партиска фракција ја поддржа неговата независна кандидатура како градоначалник на Кичево на последните локални избори.

Споделете