09/06/2025

Бесплатен влез во музеите по повод Меѓународниот ден на музеите

„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 мај. Музеите во земјава традиционално ќе ги отворат вратите и ќе овозможат бесплатен влез за сите посетители.

Од Министерството за култура информираат дека во музеите денеска ќе бидат поставени и изложби, ќе се организираат промоции, работилници, како и разни едукативни активности, се со цел да се доближи културното наследство до што поголем дел од јавноста.

Музеите ширум светот, 18-ти мај го одбележуваат со разновидни активности од 1977 година.

-Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас. Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје, соопштија од Министерството за култура.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.

Споделете