09/06/2025

Колку долго ќе остане градот парализиран? Дали ќе се руши мостот Беласица!?

Шансите мостот Беласица да биде срушен и одново изграден се многу големи.

Извори на Сител упатени во целиот процес велат дека на надлежните институции ќе им биде скоро невозможно да најдат фирм која ќе гарантира дека мостот во ваква состојба е безбеден за сообраќај.

Од Град Скопје официјално молчат. Градот се уште не знае што ќе прави со мостот една недела по пожарот. Една цела недела скопјани од Центар до Аеродром патуваат и по еден час во сообраќајниот шпиц.

Да потсетиме дека пред неколку години под истиот мост беснееше голем пожар и пред неколку години, но тој, до сега не бил затворен за сообраќај, како што е случајот сега. За волја на вистината, ништо подобро не изгледаат ниту останатите мостови и надвозници во главниот град. Кабли што висат и стара кородирана инсталација се слики кои ќе ги затекнете кога ќе поминете под речиси секој од мостовите во Скопје. Од Центарот за управување со кризи велат, тоа не е безбедно.

Политичките партии, пак, наместо да бараат решение, додека градот се гуши во сообраќајниот метеж, тие се уште го бараат виновникот.

Огнот кој го зафати мостот Беласица минатата недела, најверојатно ја има нарушено статиката на мостот и поради таа причина тој е затворен и за пешаци и за возила.

Вчера доцна попладне се огласија и од Град Скопје, велат дека мостот „Беласица“ во овој момент е во фаза на вештачење, а во следните неколку денови ќе се донесе одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак, ќе има било каква интервенција пред да се стави во употреба.

-Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување. Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира.

Споделете