По шест години пронајдено девојче кое било киднапирано од својата мајка која немала старателство

Во 2017 година исчезна деветгодишната Кајла Унбехаун од Илиноис. Нејзиното исчезнување доби големо медиумско внимание. Полицијата утврдила дека била киднапирана од нејзината мајка, на која тогаш и било дозволено да го посети девојчето, но немала целосно старателство. Откако нејзиниот случај бил прикажан во една од документарните серии, сопственик на продавница ја препознал во трговскиот центар и повикал полиција.
На 4 јули 2017 година, тогаш деветгодишната Кајла Унбехаун исчезна додека беше во посета на нејзината мајка Хедер Унхебхаун. Тогаш таа имала право да ја посети ќерката, додека таткото имал целосно старателство. Следниот ден таткото дошол да ја бара, но набрзо сфатил дека мајката и ќерката исчезнале.
Полицијата започнала акција за пребарување, но конкретни траги не биле пронајдени. Приказната на Кајла неодамна беше прикажана во документарна серија, а Националниот центар за исчезнати деца (NCMEC) објави компјутерски генерирана фотографија од тоа како Кејла би изгледала на 15 години.
Неименуван сопственик на продавница во Северна Каролина потоа ја забележал девојката во локалниот трговски центар и ја препознал. Тој повикал полиција која и влегла во трага на тинејџерката и ја однела на безбедно. Нејзината мајка е уапсена, а обвинителството ја обвинува дека го киднапирала детето.
„Пресреќен сум што Кајла е дома. Би сакал да им се заблагодарам на полициската управа Јужен Елгин, Националниот центар за исчезнати деца и на сите агенции за спроведување на законот кои помогнаа во нејзиниот случај“, објави таткото на исчезнатата личност.
Откако исчезна, нејзиниот татко ја подигнува свеста за исчезнувањето на неговата ќерка на социјалните мрежи. Во јануари годинава и испратил и роденденска честитка во која изразил надеж дека наскоро повторно ќе се сретнат. “Среќен 15-ти роденден. Те сакам и ми недостигаш многу. Едвај го чекам денот кога ќе те видам повторно”, напишал тогаш.