Голема прослава на шампионската титула во Неапол

Навивачите на Наполи во огромен број до доцна во ноќта ја славеа низ улиците во Неапол првата шампионска титула на италијанскиот клуб по пауза од 33 години.
Луѓето играа и пееја на улиците, а некои од нив од среќа скокаа во градските фонтани, додека пак многумина отпоздравуваа со развиорени знамиња на клубот од Неапол возејќи се со скутери низ градските улици.
По пауза од цели 33 години, Наполи синоќа ја завери титулата во Серија А, откако го освои потребниот бод на гостувањето против Удинезе (1-1).
„Во нашите срца живееше еден сон, Наполи повторно да биде шампион“, пееја насобраните навивачи на Наполи на градските улици.
„Плачам. Ова е историски момент“, изјави за Би-Би-Си, 13-годишнито навивач на Наполи, Едоардо Напа. Тој е дел од младата генерација навивачи на Наполи, кој не бил роден кога клубот предводен од Диего Марадона, последен пат ја освои шампионската титула во 1987 и 1990 година.
На локалните жители во Неапол за шампионската прослава им се приклучија и навивачи од другите делови на Италија, како и Франција, Шпанија и Велика Британија, прославувајќи го успехот со торти, сладоледи и разни пијалаци.
„Се чини дека светот овде застанал. Оваа прослава ќе трае најмалку еден месец. Ќе трае до лето. Чувствито е неверојатно. Наполитанците внесуваат љубов во сè што прават, вклучувајќи го и фудбалот“, изјави студентката Амелија Бафи, која од Рим допатува на шампионското славје во Неапол.