09/06/2025

ОН: Индија до крајот на неделата ќе биде земја со најмногу жители

Обединетите нации соопштија дека до крајот на неделава Индија ќе ја престигне Кина според бројот на жители и со тоа ќе стане најмногубројна земја во светот.

Минатата недела друго тело на ОН предвиде дека Индија ќе ја престигне Кина до средината на оваа година, меѓутоа новите податоци покажуваат дека до крајот на април се очекува Индија да има население од точно 1.425.775.850 лица.

Како што пренесува Би-Би-Си, Кина и Индија повеќе од 70 години наназад сочинуваат повеќе од една третина од светското население.

„Кина наскоро ќе го загуби долгогодишниот статус на најмногубројна земја во светот“, се наведува во соопштението на Одделот за економски и социјални прашања на ОН (ДЕСА).

„Поради несигурностите поврзани со проценката и проекцијата на населението, точниот датум кога се очекува Индија да ја надмине Кина по население е приближен и подложен на ревизија“ – додаваат од ОН.

Фондот за население на ОН минатата недела објави дека Индија до средината на 2023 година ќе има 2.9 милиони лица повеќе од Кина.

За прв пат од 1961 година се намали населението на Кина, а стапката на наталитет неодамна опадна. ДЕСА предвидува дека пред крајот на овој век можно е населението на Кина да падне под една милијарда. „Наспроти тоа, се очекува населението на Индија да продолжи да расте уште неколку децении“ – нагласуваат од ДЕСА.

Стапката на ферталитет опаѓа и во Индија, односно од 5,7 раѓања по жена во 1950 година на 2,2 раѓања денеска.

Во ноември минатата година светската популација надмина осум милијарди луѓе, но експертите веруваат дека растот не е толку брз како што беше случај во минатото.

Споделете