На денешен ден загинаа Христо Узунов и неговата чета

На денешен ден, во селото Цер, Кичевско, во борба против турската војска загинал Христо Узунов. Еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев.
Тој се самоубил заедно со единаесетмината негови соборци.
На 24-ти април 1905 година, Христо Узунов придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето заминале од Крушево за Кичевско сѐ со цел да го исполнат решението за погубување на петнаесетмина ренегати во една ноќ. Но во кичевското село Цер биле опколени од многубројната турска војска со артилерија, при што тие не примиле никаква помош, па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик со фрлање на бомби да се пробие низ огнот, но не успеал. За да не им паднат живи во рацете на турскиот аскер, тој и неговите 13 соборци извршиле саможртва за татковината.
Борбата во селото Цер помеѓу четата на Узунов и одредите од Крушевско и Прибилци започнала и четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србаков и Узуновиот четник – Наумче, четата се повлекла во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која била солидна и погодна за претстојната борба. Четата се борела се до претпоследниот куршум, кога Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себеси, не сакајќи живи да се предадат на османлиските власти.
Сведок на сликата на простреланите четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал:
“На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. – Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива! “
Роден бил во Охрид, на 22 февруари 1878 година.