Јапонија ќе ги евакуира своите државјани од Судан

Јапонија ќе стане првата земја што ќе преземе мерки за евакуација на своите државјани поради насилството што трае од саботата помеѓу суданската армија и паравоена група, соопштуваат јапонските власти.
Во борбите меѓу паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) на генералот МОхамед Хамдан Дагло и армијата предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, која е на власт од пучот во 2021 година, според ОН, од минатата сабота загинаа речиси 200 луѓе.
Портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно изјави дека околу 60 јапонски граѓани живеат во Судан, вклучувајќи го и персоналот на амбасадата. Јапонското министерство за одбрана ги презеде неопходните подготовки за евакуација, рече портпаролот на прес-конференцијата.
Во меѓувреме, расте бројот на меѓународни повици за прекин на огнот во Судан.
Министрите за надворешни работи на Г7 на собирот во Јапонија претходно оваа недела побараа итен прекин на огнот меѓу двете страни, а истиот апел во понеделникот го упати и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Од Скај Њуз Арабија јавуваат дека експлозии се слушаат во близина на аеродромот во главниот град на Судан, Картум, а борби има во центарот на градот, иако завојуваните страни вчера се согласија на 24-часовен прекин на огнот.
На видеото објавено на интернет од Силите за брза поддршка (РСФ) се гледа пожар кој се чини дека зафатил цивилен авион паркиран на аеродромот.
На видеото се слуша и континуиран звук на гранатирање. Огромни експлозии се слушаат во центарот на Картум од раните утрински часови. Пукање се слушна и во многу области на провинцијата Картум. Според некои информации, РСФ во текот на утрото испратила „огромно засилување“ во главниот град.
Припадниците на таа група се распоредени и по патот што ги поврзува Картум и државата Џазира во централниот дел на земјата.