Малолетник во САД се предозирал до смрт заради ТикТок предизвик

Во американската сојузна држава Охајо, 13-годишно момче починало од предозирање со апчиња за алергија. Според неговото семејство, тој учествувал во вирусен ТикТок предизвик во кој тинејџерите земаат големо количество антихистаминици, што наводно доведува до халуцинации. Тие се снимаат за време на предизвикот, а потоа снимката ја објавуваат на социјална мрежа. За 13-годишното момче предизвикот завршил трагично – добил напад, а по шест дена во болница го исклучиле од машините кои го одржувале во живот.
Како што објасни неговиот татко Џастин Стивенс за ABC 6, момчето било дома со пријателите кога решило да учествува во вирусниот предизвик на ТикТок. Проголтал неколку таблети од лекот за алергија Бенадрил додека неговите пријатели го снимале. Во еден момент добил напад, а потоа бил ставен на респиратор во болница.
Лекарите им рекле на шокираните родители дека момчето е мозочно мртов и дека никогаш нема да закрепне. „Тие рекоа дека можат да го држат на респиратор за да може да лежи таму, но никогаш повеќе нема да ги отвори очите, никогаш повеќе нема да дише, да се насмее, да оди или да зборува“, изјавил неговиот татко.
На крајот, по шест дена, семејството решило да го исклучи од апаратите. Предизвикот кој се шири на социјалната мрежа ТикТок ги поттикнува тинејџерите да голтнат 12 до 14 антихистаминици, што наводно доведува до халуцинации. Ова е шест пати повеќе од препорачаната дневна количина. „Тоа беше премногу за неговото тело“, додал таткото на момчето.
Семејството на Џејкоб сега ги предупредува сите родители на тинејџери да бидат свесни што прават нивните деца на социјалните мрежи. Се обидуваат да ги натераат надлежните институции да воведат старосна граница за набавка на лекови како што е Бенадрил.
„Ќе направам се што можам за да се погрижам ова да не му се случи на друго дете“, изјавила бабата на момчето, Дијана Стивенс, за ABC 6.
15-годишно девојче од Оклахома исто така почина во 2020 година поради предозирање со споменатиот лек. Американската администрација за храна и лекови издаде предупредување во тоа време. „Земењето големи дози од лекот за алергија дифенхидрамин (Бенадрил) може да предизвика сериозни проблеми со срцето, напади, кома или смрт“.
Производителот на лекот Бенадрил, Џонсон и Џонсон, во изјава за медиумите го осуди трендот на ТикТок, нарекувајќи го „крајно загрижувачки и опасен“.