ИНТЕРВЈУ со Билјана Петровска, директорка на ЈЛБ „Илинден“: Читателите се приоритет!

ЈЛБ „Илинден“ е единствената библиотека во Делчево која постои од далечната 1924 година. Низ годините се среќавале со различни предизвици и промени, но тоа не било пречка за оваа библиотека да опстане и работи речиси цел век. Во ова интервју, директорката на библиотеката, Билјана Петровска, говори за предизвиците, читателите, соработката и настастаните кои ги организира библиотеката.
Мотивот и инспирацијата библиотеката да биде убаво уредена ја црпиме од среќата во детските очиња кога ќе ги видат сликовниците во библиотеката, радоста кај возрасните читатели за секој вид нов наслов, воздишките на воодушевување кога ќе ги видат полиците со средени книг, и сето тоа нѐ тера библиотеката постојано да ја уредуваме и подновуваме, вели Петровска.
Во продолжение целото интервју со директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска:
-Кога и како започнува со работа ЈЛБ „Илинден“?
Библиотеката постои уште од далечната 1927 година под името „Светлина“. После Вторта светска војна, во 1945 година библиотеката е во склоп на Домот на културата. Од 1963 година се одвојува од киното и фукнционира како матична библиотека. Во 2005 година се трансформира во Јавна локална библиотека „Илинден“, а основач е Општина Делчево.
-Колкава е заинтересираноста на делчевчани за читање книги?
Делчевчани сакаат да читаат книги и тоа секаков вид на литература. Библиотеката има читатели на различна возраст, имаме читатели од 7 до 77 години. Континуирано имаме околу 600 читатели од кои околу 400 се активни. Се чита многу белетристика, учениците читаат лектири иако во последно време бараат и слободна детска литература. Се зголеми бројот на книги на англиски јазик, па учениците покажуваат голем интерес за читање на англиски јазик. Имаме и читатели студенти кои ја користат нашата стручна литература, а имаме и голем број на стручна литература особено од областа на медицината и економијата. Со оглед на тоа што стручната литература е скапа и потешко се наоѓа, изнајмувајќи ја нашата литература, студентите заштедуваат и време и пари. Сепак нашите членови најмногу сакаат да изнајмуваат сѐ што е ново, актуелно и интересно.

-Каква е соработката со образовните институции од општината?
ЈЛБ „Илинден“ има одлична соработка со скоро сите институции во градот. Скоро секојдневно имаме соработка и организираме настани и активност со двете основни и средното училиште во градот. Многу соработуваме и со детската градинка. Сме имале соработка и со Општина Делчево, особено со Комисијата за еднакви можности при Општината, ОО на Црвен Крст, невладини организации, КУД „Гоце Делчев“, НУЦК „Никола Јанков Вапцаров“ и други. Како библиотека секогаш сме биле на располагање за било каква соработка, поддршка или помош на било која институција или граѓанин, а ќе се потрудиме и во иднина да остане така.
-Кој е мотивот и инспирацијата за една библиотека да биде вака убаво уредена?
Мотивот и инспирацијата библиотеката да биде убаво уредена ја црпиме од среќата во детските очиња кога ќе ги видат сликовниците во библиотеката, радоста кај возрасните читатели за секој вид нов наслов, воздишките на воодушевување кога ќе ги видат полиците со средени книг, и сето тоа нѐ тера библиотеката постојано да ја уредуваме и подновуваме. Велат кога се сака, се може. Јас како директор на библиотеката сакам таа да биде вистински центар на информацијата, средиште на книжевноста и науката, да биде библиотеката хроничар на пишаниот збор, литературно творештво и да даде свој рридонес во македонската книжевност и литература.

-Што претставува најголем предизвик за водење на една локалкна библиотека?
Во времето во кое живееме, кога електронското читање книги зема поголем замав, кога сите издавачки куќи прават огромни попусти на продажба на книги и некако станува модерно да се купуваат книги, единствен начин да се задржат читателите и да се привлечат нови е да се набавува ново, барано, актуелно и атрактивно како наслов, без разлика за каков вид на литература станува збор. Читателите се приоритет и затоа ЈЛБ „Илинден“ најголем дел од своите финансии го троши на набавка на книги. Можеби немаме доволно средства за набавка на повеќе примероци од еден наслов, но секогаш се трудиме да имаме сѐ што излегува од издавачките куќи. Следиме сѐ што е ново, набавуваме сѐ што ќе го побараат нашите читатели, а ние го немаме. И досега добро се „држиме“ и покрај малиот буџет и покрај кризата, сепак имаме што да им понудиме на нашите читатели, изборот е голем.
-Какви сѐ настани организира библиотеката за промоција на убавиот пишан збор и промоција на културата за читање и пишување?
Библиотеката е чувар на човековата историја, книжевност и литература. Таа е место за средба на луѓето, знаењето и воспитувањето, многу културни интеракции. За мене како директор на библиотеката е многу важно да се поврзат корисниците со библиотеката и да се задржат на долг рок. Е тоа е мојот предизвик за водење библиотека, како и преосмислување на библиотечните услуги во согласност со потребите на корисниците и индивидуалниот пристап кон давањето услуги.

-Кон крајот на месец април треба да се одржи настан по повод 120 години од загинувањето на еден од најголемите македонски револуционери Гоце Делчев, како течат подготовките и што може посетителите да очекуваат од истиот?
ЈЛБ „Илинден“- Делчево годишно организира околу 60 настани или активност. Организираме промоции на книги на наши автори, особено роднокрајни автори, распишуваме литературни конкурси, одбележуваме гидишнини на маркантни имиња или настани од домашната и светската литература и книжевност. Организираме разни предавања, трибини, изложби. Редовно ги одбележуваме Светскиот ден на книгата, литературата за деца, Денот на поезијата, Денот на македонската азбука, Денот на сесловенските просветители, избираме и читател на годината. Деновиве ЈЛБ „Илинден“ заедно со КУД „Гоце Делчев“ се подготвува за одбележување на 120 години од смртта на великанот Гоце Делчев, патронот на градот. По тој повод распишавме литературен конкурс за поезија и проза на тема „Гоце – наша ѕвезда водилка“. Право на учество имаат сите граѓани и сите ученици од Пијанечко-малешевскиот регион. Очекуваме да ни пристигнат многу творби, а најдобрите ќе бидат прочитани и наградени на свечениот концерт во рамки на одбележувањето на 120 годишнината од смртта на Гоце Делчев. Ова ќе се потрудиме да биде одличен настан и со нетрпение се подготвуваме и го очекуваме.

-За крај, која е Вашата порака за љубителите на убавиот пишан збор?
Пораката за сите љубители на пишаниот збор и понатаму останува иста како и досега, а таа гласи: „Не можеш да купиш среќа со пари, но можеш да изнајмиш книга од ЈЛБ „Илинден“, а тоа е скоро исто“.