„Замрзнатите“ цени ќе се одмрзнат и зголемат. Причина- зголемени увозни давачки

Владата на Македонија на наредната седница закажана за во вторник 11. април, ќе ги ревидира цените на 11-те видови овошје и зеленчук за кои претходно донесе одлука да бидат замрзнат до крајот на месецов, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа, како што кажа, наредниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени, а тие ќе почнат да важат откако ќе бидат објавени во „Службен весник“.
Увозниците, прецизира министерот, генерално пријавуваат малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците.
-Денешните податоци покажуваат мало зголемување на увозните декларации на некои производи и би требало следствено на тоа да се коригираат и цените кои се наведени во одлуката. Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска. Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената, изјави Бектеши по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.
Тој потенцира дека со увозниците на овошје и зеленчук имале конструктивен состанок на кој учествувала и Стопанската комора.
-Се договоривме да направиме минимална корекција на цените, имајќи предвид дека веќе почнаа да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Но, никако нема да има цени како пред 10-ина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре, рече Бектеши.