Песков за влезот на Финска во НАТО: Проширувањето на алијансата е нарушување на безбедноста на Русија

Руската државна новинска агенција РИА ја пренесе изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека „влегувањето на Финска во НАТО е уште едно влошување на ситуацијата, а проширувањето на алијансата е нарушување на безбедноста на Русија“.
Во исто време, тој истакна дека оваа ситуација е суштински различна од проблемот со Украина бидејќи Финска никогаш не била против Русија, пишува Гардијан. Песков, исто така, рече дека структурата на НАТО е непријателска кон Русија и дека Москва ќе биде принудена да преземе контрамерки за да ја обезбеди безбедноста на Русија.
Влезот на Финска во НАТО
За потсетување, Финска денеска ќе влезе во НАТО, проширувајќи ја одбранбената алијанса на 31 членка откако ќе го надмине противењето на Турција. Барањето го поднела заедно со Шведска во мај 2022 година, по руската инвазија на Украина.
Турција продолжува да ја блокира кандидатурата на Шведска за членство поради низа спорни прашања, вклучително и загриженоста на Анкара поради, како што вели, недостигот на соработка во борбата против тероризмот. Членките на НАТО мора едногласно да се согласат да примат нови земји.
„Внимателно ќе следиме што се случува во Финска, што ни се заканува. Мерките ќе бидат преземени соодветно. Нашата војска ќе поднесе извештај во догледно време. Финска никогаш не била антируска и не сме биле во конфликт. Нејзиното членство во НАТО може само влијаат на природата на нашите односи бидејќи Алијансата е непријателска организација“, додаде Песков.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави денеска дека пристапот на Финска во воената алијанса на НАТО и потегот на НАТО да ја зголеми сопствената борбена готовност го зголемиле ризикот од конфликт.
Шојгу рече и дека некои белоруски воени авиони сега се способни да носат нуклеарни боеви глави и дека ракетните системи Искандер се префрлени во Белорусија. Тие можат да се користат за носење конвенционални или нуклеарни проектили.