09/06/2025

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов лично му го врачи признанието „Морален лидер на денешницата“ на Папата Франциск

Од кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов објавија соопштение дека претседателот на Република Македонија од 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов присутствуал на генерална ауденција на Папата Франциск која се одржа на плоштадот Св. Петар во Ватикан.

– Повод за посетата на Ватикан и присуството на ауденцијата е врачувањето на признанието ,,Морален лидер на денешнината’’ на Неговата Светост Папата Франциск од страна на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.

Имено, како што се вели во соопштението, минатата година за време на 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов која се одржа во периодот 16-30.09.2022 година на тема „Морално лидерство“, Школата за млади лидери одлучи да му додели признание на Неговата Светост, Папата Франциск, за морален лидер на денешнината.

По завршувањето на 13. Школа за млади лидери, по иницијатива на Католичката црква во Република Македонија било договорено присутство на генералната ауденција на Папата Франциск. на 29.03.2023 година и врачување на признанието лично од претседателот Иванов на Неговата Светост.

Папата Франциск му се заблагодари на Претседателот Иванов за признанието и истакна дека се уште му се свежи импресиите и срдечниот прием при посетата на Македонија на која домаќин беше Претседателот Иванов. Воедно, Папата Франциск упати поздрави до Македонија и македонскиот народ.

Во придружба на Претседателот Иванов и неговиот Кабинет, Бискупот Киро Стојанов од Католичката црква во Република Македонија, присуствуваа и претставници на Алумни Асоцијацијата на Школата ИСЛАА, како и пријатели и поддржувачи на Школата за млади лидери.

Споделете