Милков: „Кога Македонија ќе го смени Уставот, тогаш ќе се отворат преговорите со ЕУ“

Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков во интервју за националната телевизија БНТ изјави дека, Македонија нема рокови за спроведување на барањата во францускиот предлог кој беше услов ЕУ да ни даде зелено светло за скрининг процесот кој ќе трае до крајот на оваа година.
Тој додаде дека кога Македонија ќе го исполни францускиот предлог, односко ќе ги внесе Бугарите во Уставот, тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес.
„Се надевам дека ќе се вразумат и ќе размислуваат за за европската перспектива. Топката е на нивен терен. Немаат рок за спроведување на францускиот предлог. Кога ќе го исполнат, тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес“, изјави Милков.
Милков потенцираше дека постои зголемување на тензиите во односите помеѓу двете земји поради различните дејствија кои биле непријателски во однос на она што било договорено.
Според него во Македонија постојат случаи во кои македонските Бугари се репресирани. На таквите граѓани Бугарија е подготвена да им помогне со помош при поднесувањето на жалбите до домашните и европските судови.