„СИТЕ СМЕ ЈАНА“: Протест на кој се бара вистината за смртта на 6-годишното девојче од Битола

Под мотото „Сите сме Јана“ битолчани утре излегуваат на голем протест за прераната смрт на шестгодишното девојче Јана Христовска од битолското село Кравари кое минатата недела почина во битолската Клиничка болница по примена инфузија, информира „Независен“.
Организатори на протестот се семејството, роднините и пријателите на семејството Христовски, а протестот е закажан за 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола.
Додека се чека извештајот од обдукцијата која треба да ги даде одговорите како и поради што настапила смртта кај малата Јана, роднините на семејството Христовски имаат една цел – да го насочат вниманието за состојбите во македонското здравство.
„Го чекаме последниот збор од битолското обвинителство за смртта на Јана. Обдукцијата мора да ја даде вистина, а тоа ќе значи дека родителите на Јана ја кажаа вистината и реалната слика за смртта на нивното девојче. Вината никако не смее да се фрли кон родителите, туку да се бара одговорност на вистинската врата. Мора да се каже вистината за македонското здравство. За лекувањето, за третманот на пациентите, за немањето на лекови и здравствени работници, за немање апарати и сѐ што значи квалитетно здравство“, вели Игор Петковски од Битола, кум на малата Јана, организатор на протестот, пренесе „Независен“.
Засега протестот се најавува само за во Битола, но не е исклучена можноста, протести да се организираат и во други градови.
Семејството Христовски не е задоволно од извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој соопшти дека нема грешки во лекувањето на Јана и дека без оглед на примената инфузија и високиот шеќер во крвта, Јана починала од застој на срцето.
Петковски вели, ако Јана имала проблеми со срцето, сигурно лекарите за тоа ќе знаеле уште на првиот преглед.