Од „Студентски отпор“ повикуваат да се исполнат нивните барања

Движењето „Студентски отпор“ бара средба со министерот за образование и наука и нивни претставници да бидат вклучени во работните тела кои донесуваат одлуки во интерес на студентите.
„Студентски отпор“ во соопштението до медиумите искажува незадоволство од институциите и, како што наведуваат, „нивниот игнорантски и незаинтересиран однос кон студентите, кој се зголемува низ годините, а особено изминативе неколку месеци“.
Тие во реакцијата велат дека немаат намера да се откажат се до целосно исполнување на нивните барања и дека ќе настојуваат да ги остварат „користејќи ги сите расположливи средства и механизми“.
Покрај средба со министерот и вклучување во работни тела, „Студентски отпор“ бара и изедначување на стипендиите (ретроактивна исплата и нов анекс на договорите), како и покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари.
Во барањата се наведени и: дигитализација и укинување на т.н. скриени трошоци на факултетите; бесплатен/субвенциониран меѓуградски превоз за студентите; прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови; стипендирање на студентите на втор циклус студии; модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети и прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.
-Ги охрабруваме и повикуваме сите студенти да ни се придружат во нашата борба, бидејќи само сплотени можеме да предизвикаме достоинствени услови за студирање на младите и заедно да ја изградиме иднината, апелираат од „Студентски отпор“.