Руската православна црква ја споделува одговорноста за ѕверствата во Украина

Духовниот водач на православните христијани, екуменскиот Патријарх Вартоломеј денеска изјави дека моќната Руска православна црква ја споделувала одговорноста за инвазијата во Украина со руското раководство, но и дека е подготвен да помогне во повоената „духовна обнова“ на Руската Федерација.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј со тоа го прекори рускиот патријарх Кирил, чија отворена поддршка за руската инвазија на Украина ги подели православните христијани.
Вартоломеј, кој ја налути Москва во 2019 година со признавањето на новооснованата православна црква на Украина, рече дека руските власти ја користат црквата како „инструмент за своите стратешки цели“.
– Црковното и државното раководство во Русија соработуваа во злосторството на агресија и ја споделуваат одговорноста за злосторствата што резултираа, како што се шокантните киднапирања на украински деца, рече Вартоломеј на конференција во литванскиот парламент.
Минатата недела Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Русија тврди дека ги иселува децата од Украина заради нивна безбедност и негира кршење на човековите права во Украина.
-Нашиот меѓуверски дијалог мора да се фокусира на отпор и неутрализирање на капацитетот на раководството на Московската патријаршија да го поткопа единството и теолошки да го легитимира криминалното однесување, рече Вартоломеј.