08/06/2025

Ѓорѓиевски: Воведуваме бесплатен посебен транспорт за стари лица и лица со попреченост од Кисела Вода

Општина Кисела Вода воведува бесплатен посебен транспорт за стари лица и лица со попреченост. Ова денес го промовираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Од денес, Кисела Вода е првата општина каде повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција, изјави градоначалникот.

Договорот е потпишан со Црвен Крст на Град Скопје, а транспортот ќе се договара со повик на телефонски број кој ќе биде наменет исклучиво за закажување на термини за транспорт.

– Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација, и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен, појасни Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски се заблагодари и на претседателот на Здружението на пензионери, Момчило Петровиќ кој во име на сите го поддржа овој проект и го посочи како исклучително важен.

Споделете