Србија и Косово се договорија во Охрид, но не го потпишаа Анексот на Договорот – обврските влегуваа во преговарачката рамка

По 12 –часа маратонски преговори Белград и Приштина под посредство на ЕУ ги усогласија ставовите за анексот на договорот за нормализација на односите.
За шефот на европската дипломатија Жозеп Борел како медијатор во дијалогот преговорите биле тешки , но сепак договор имало. Во фокусот на договореното е Србите во Косово да добијат некаков облик на самоуправа, а да се прифати и Декларација за исчезнати лица.
„Косово и Србија се договорија за Анексот за имплементација на Договорот за патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Договоривме кога, кој и како тоа да се реализира. Во рамките на анексот, страните се согласија да ги исполнат сите членови од договорот и да ги спроведат сите обврски без одлагање и со добра волја. Овој исход дојде по многу тешки преговори, не се преговара 12 часа за едноставни работи. За да се имплементира членот 7 од договорот, Косово се согласи веднаш да започне преговори со ЕУ во рамките на дијалогот за воспоставување на аранжмани за обезбедување соодветна самоуправа за српската заедница на Косово. Страните, исто така, се согласија да ја поддржат декларацијата за исчезнатите лица како што беше преговарано во рамки на дијалогот како прашање кое е итно“.
За српскиот претседател Вучиќ вчера не бил денот „Д“, не потпишал ништо бидејќи не склучувал никакви меѓународни договори со Косово, затоа што Србија е меѓународно призната земја, за разлика од Косово. Вучиќ не се согласил да не се попречува членството на Косово во меѓународни организации, но се согласил на нормализација на односите. Тој потврди дека текстот кој дури 12 пати го менувале, ќе биде дел од преговарачката рамка за двете земји.
Курти пак обвинува дека Белград го одолговлекува времето за потпишување. По целодневните преговори се обврзал дека ја спроведе Заедницата на српски општини, но и најави дека ќе се залага за правата на сите граѓани на Косово.
Постигнавме јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор. Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки. Дојдов во Охрид со намера да го потпишеме основниот договор со анекс, но српската страна и овојпат избегна негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари.