08/06/2025

Гонзалез-Гутиерез: Со рака на срце искрено тврдам дека македонските навивачи се најдобри

Поранешниот стратег на РК Вардар и селектор на Македонската ракометна репрезентација, а сегашен предводник на РК Париз Сент Жермен, Раул Гонзалез-Гутиерез ја раскажа својата досегашна авантура во ракометот во ексклузивна колумна објавена на официјалната страна на „ЕХФ“.

Кај нас популарниот „Ел Команданте“ уште еднаш ги загреа срцата на целата јавност откако во колумната неизбежно ја спомна Македонија и Вардар. Раул одвои добар дел од својата колумна за да го раскаже престојот во Скопје кој и по шест години му буди само убави спомени.

– Во 2014 година го презедов Вардар што ќе се испостави како уште едно неверојатно искуство за мене како тренер. Овој пат како главен тренер, затоа што го прифатив предизвикот за прв пат да водам еден тим. Во Вардар, во Скопје се  случи нешто што на прва „кликна“. Во 2016 година бевме елиминирани пред самиот Фајнл-фор од Фленсбург, а наредната сезона го достигнавме врвот. Тоа беше неверојатен настап, тоа беше нешто како излезео од книга. Имавме многу добра сезона, а во Келн ги победивме Барса и ПСЖ со еден гол разлика, и сега после шест години не знам да го опишам чувството.

– Не бевме фаворити, бевме изненадување и успеавме. Бевме победници на Лигата на шампионите. А во Македонија? Беше хаос, неверојатно лудило. ТВ преносот го следеа 90% од жителите, девет од десет луѓе кои гледале ТВ во тој момент го гледале финалето против ПСЖ, – напиша Раул, а потоа упати и пофални зборови до македонските навивачи.

Споделете