08/06/2025

Нови дојави за бомби во девет скопски училишта

policiska-lenta-640x425

Девет училишта во Скопје и денеска добија дојави за поставени бомби.

Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Според првичните информации, мејлот, овојпат со различна адреса од вчерашниот, стигнал до гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов”, „Никола Карев”, „Јосип Броз Тито”,  АСУЦ „Боро Петрушевски” и во уште 4 други училишта.

Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.

Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Cеверна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на МТВ.

Споделете