08/06/2025

Ѓорѓиевски: Крајно сум разочаран и огорчен што некој се обидува да пласира невистини поврзани лично со мене и работата на општината

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера остро ги демантираше гласините дека побарал зголемување на својата месечна плата преку Советот на Општината.

Ѓорѓиевски демантот го објави на својата фејсбук страна, а во продолжение ви го пренесуваме во целост:

Крајно сум разочаран и огорчен што некој се обидува да пласира невистини поврзани лично со мене и работата на општината.

Денеска излезе текст на еден портал дека наводно сум барал да ми се зголеми платата.

Ова е невистина и обид да ми се наштети лично мене!

Навистина не разбирам како може да се пласира текст полн со невистини и притоа да не ме прашаат за коментар.

Можеби тоа не го сториле затоа што знаат дека пласираат класична лага.

Би сакал да појаснам дека Советот на Општина Кисела Вода, на 26. 12. 2022, донесе одлука за извршување на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година и истата е доставена до Министерството за финансии, од каде единствената забелешка е дека текстот во една реченица треба да се замени со формулација која ја користи актуелното Министерство за финансии. Да се скрати текстот, бидејќи било предетално објаснето.

ОНА ШТО Е НАЈВАЖНО ЗА ЈАВНОСТА, е дека во текстот за кој се бара промена и што Општината треба да го спроведе, воопшто не се работи за корекција ниту на коефициент, ни на основицата по која се пресметува платата. Платата е определена со член 17-в од Законот за плата на функционерите и други избрани и именувани лица во Републиката.

Ако новинарите ги интересирало вистината, ако не знаеле можеле да ги прашаат своите колеги кои работат на економски прашања да им појаснат дека платата на градоначалникот е утврдена со овој Закон за исплата на плата на функционери и именувани лица и знаат како таа се пресметува.

Основицата е законски утврдена, а коефициентот со кој се множи основицата, се пресметува според бројот на жители.

Ниту се работи за какво било зголемување на платата на Градоначалникот, што многу лесно може да се разбере за тој што го познава законот.

Можете и сами да се уверите од материјалите во прилог.

Досега лично јас имам потрошено нула денари од општината за лични потреби.

Ниту имам намера да трошам средства за репрезентативни цели, не користам службени возила, а со тоа ниту имам потреба од службено гориво.

Не сум потрошил ниту денар за службени ручеци со пари од граѓаните, како што беше тоа случај во минатото со други градоначалници.

И сега поставувам прашање на кого му пречам и мојата работа.

На кого му пречи градоначалник што само за една година има остварено 70% од предизборната програма.

Исто така, новинарот слободно можел и се уште може да се јави, бидејќи сите знаат дека одговарам на секој телефонски повик. На располагање стојат и службите кои на пример, би им помогнале во нејаснотиите кои новинарите би ги имале доколку не знаат, на пример, како се утврдува и пресметува плата на функционерите.

Отворени сме за сите прашања.

Побарав од медиумот да го повлече текстот и да се извини, а во спротивно ќе применам правни мерки за заштита на мојот углед и чест.

Споделете