Среќен осми март на припадничките од понежниот пол

Меѓународниот ден на жената – 8 март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк со барање за поголеми права, одржан на овој датум во 1857 година. Обединетите нации почнаа да го чествуваат овој ден од 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир.
Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените.
Чествување на овој ден се врзува со иницијативата за воведување на универзалното право на глас, односно овозможувањето и жените да гласаат на избори на почетокот на минатиот век, како и со активностите на работничките движења во Северна Америка и Европа. Првата регистрирана прослава на Денот на жената е на 28 февруари 1909 година во Њујорк во организација на Социјалистичката партија на Америка, а веќе од следната година се организирани и првите демонстрации и манифестации во Европа посветени на правата на жените.
Инспирирани од овие настани, германските делегатки, предводени од Клара Цеткин, на Меѓународната женска социјалистичка конференција одржана во август 1910 година во Копенхаген, предложија чествување на Ден на жената, иако во нивната иницијатива не беше посочен конкретен датум. Предлогот беше прифатен од страна на учесничките на Конференцијата со идеја Денот на жената да се искористи за промовирање на заложбите за родова еднаквост и за доделување на правото на глас на жените.
По ова, веќе следната година на 19 март ширум Европа е организирано првото одбележување на Меѓународниот ден на жената со одржување на протести на кои е побарано воведување на право на глас на жените, овозможување тие да вршат јавни функции, како и спречување на половата дискриминација при вработувањето.
Дополнителен мотив за борбата за женски, пред се работнички, права беше пожарот во текстилната фабрика „Триангл Ширтвејст“ во Њујорк на 25 март 1911 година, во кој загинаа 146 работници, од кои повеќето жени и мигранти.
Во првите децении на 20 век не постоел усогласен датум на меѓународно ниво за одбележување на Денот на жената. Во САД во тој период „Националниот ден на жената“ се одбележувал во последната недела во февруари, додека во Русија првото чествување на „Меѓународниот ден на жената“ било организирано во 1913 година и тоа во последната сабота во февруари според Јулијанскиот календар, ден што според Грегоријанскиот календар бил 8 март.
Во Германија првото официјално одбележување на Меѓународниот ден на жената било организирано на 8 март 1914 година. Изборот на овој датум веројатно бил случаен, имајќи предвид дека таа година тој ден било недела. Примарно барање од протесните собири на овој ден било воведување на правото на глас за жените во Германија, што им е овозможено четири години подоцна со прогласувањето на „Вајмарска Република“. Истата година, Денот на жената е одбележан и со протест на плоштадот Трафалгар во Лондон. Овој протест најмногу добива на гласност поради апсењето на британската активистка за женски права Силвија Панкхарст, на која и било оневозможено да говори на собирот.