Ким Јо-Џонг: САД и Јужна Кореја создаваат услови да превземеме акција против нив

Моќната сестра на лидерот на ДНРК, Ким Јо-Џонг, на државната телевизија изјави дека нејзината земја е подготвена да преземе „брза и голема акција“ против САД и Јужна Кореја во секое време.
-Демонстративните движења на армиите на САД и Јужна Кореја, како и нивната реторика, која е толку избезумена што повеќе не можеме да ја игнорираме, несомнено создаваат услови ДНРК да преземе акција против нив, рече Ким Јо-Џонг.
Сестрата на Ким Џонг-Ун не прецизираше какви дејствија може да преземе Пјонгјанг.
Со оваа изјава таа реагираше на вчерашните заеднички воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја, во кои беше вклучен и американскиот стратешки бомбардер Боинг Б-52.
Во слични ситуации во минатото, ДНРК главно реагираше воено, со тестирање на интерконтинентални балистички ракети, кои секогаш завршуваа во водите меѓу Корејскиот Полуостров и Јапонија.