Шолц и Бајден разговараа за Украина

Во последните 24 часа одбиени се бројни напади во областа на источен Доњецк, соопшти украинската армија. Руските сили велат дека се подготвуваат да го освојат источниот град Бахмут – во фокусот на повеќемесечните интензивни борби. Шефот на руската приватна армија Вагнер тврди дека „Бахмут е практично опколен“ со ограничени излезни правци.
Во Вашингтон за состојбата во Украина разговараа првите луѓе на САД и Германија.
Главна тема на средбата меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц во Вашингтон била ситуацијата во Украина. Пред приватната средба Бајден и Шолц им се обратија на медиумите во Овалната соба, пренесува Ројтерс. „Направивте чекор напред и воено и помогнавте на Украина. Покрај воената поддршка, вашата морална поддршка за Украинците беше и се уште е апсолутна. Апсолутна“, му рекол Бајден на Шолц во Овалната соба, според Си-Ен-Ен. Бајден додаде дека „знае дека и било многу тешко“ за Германија.