Се прават анализи за замрзнување на цените и на други производи

Иако речиси се е премногу поскапено, по подолг период власта реши да ја замрзне цената на лебот, а по таа одлука сега не е исклучено да се замрзне цената и на други производи.
Според премиерот Димитар Ковачевски власта нема да дозволи одредени производители да прават екстра профит врз грбот на граѓаните.
-Компаниите кои што во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип на леб, се всушност компаниите кои ги добија најголемиот дел од субвенциите за евтина струја од 80 евра за мегават час. Ваква цена никаде не можевте да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност и да го испорачуваат тоа што е потребно. Во нашата држава имаме Закон за трговија, за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Морам да искажам разочарување од страна на дел од производителите. Бевте сведоци по медиумите имаше сметки дека некои продавале леб од 50 денари во доцни ноќни вечерни часови. Тоа е срамота. Од друга страна има одговорни компании и ги спроведуваат мерките согласно одлуките на Владата. На нив сакам да им се заблагодарам, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање.
Ковачевски додаде дека во Министерството за економија се прават анализи во однос на цени на други основни прехранбени производи и истакна дека во блиска иднина е можно замрзнување на цените и на други производи кои што се сметаат за основни.