08/06/2025

Пекарите се одлучија и денес да не достават леб во продавниците

Пекарите одлучија да се придржуваат до својата одлука, и денес да не достават леб до продавниците по одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари.

– Никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари. Цената не требаше да се замрзне зашто тоа, потенцираат, се коси со уставното право за слобода на пазарот, ниту требаше да се укине субвенционираната струја зашто мерката даде резултат. Леб за 32 до 35 денари имаше во малопродажбата, зависно од квалитетот и грамажата, велат пекарите.

Пекарската индустрија во оваа новонастаната ситуација, очекува поддршка од сите останати индустрии во земјава.

Сопственик на една од поголемите мелници дополнува дека субвенционираната струја ја исполни целта.

-Повторуваме дека не беше потребно да се замрзне цената на лебот зашто веќе самата индустријата ја корегираше на 32 и 35 денари. Такви цени имаше на пазарот, се направи социјална цена за одредена категорија граѓани пред да се замрзне цената на лебот. Стоиме на ставот од понеделникот дека мерката на субвенционираната струја ја исполни целта зашто од нејзиното стапување во сила, цените се намалија. Очекувањета дека лебот ќе биде 20 денари, не може да се исполнат и тоа едноставно нема да биде, но имаше леб од 32 и 35 денари зависно од квалитетот и грамажата. Во однос на „поканата“ за средба што ја упати министерот Крешник Бектеши, би му порачал дека пекарската индустрија е секогаш подготвена за разговор, но треба да биде фицијално поканета, со конкретно наведена тема за разговор, а не преку прес-конференција, нагласува мелничарот.

Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.

Споделете