Рафтовите со леб останаа празни, пекарите ја остварија заканата!

Нема бел и полубел леб по продавниците, утрово рафтовите на маркетите останаа празни.
Пекарите иако најавија дека ќе дистрибуираат леб се додека не излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник на 33 денари, денес сепак не донесоа леб.
Во дел од маркетите на поголемите трговски ланци денес пекарите ги известиле дека нема да им достават леб и дека тие ги трошат старите залихи.
Според раководителите тие не знаат како ќе го поминат денес денот ниту пак, дали треба да направат нарачки за утре. Во маркетите иако се залепени новите налепници со цени од 33 денари, рафтовите се сепак празни.
Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари до крајот на мај годинава, а ја укинува и субвенционираната струја за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи. Одлуката е донесена на вчерашната владина седница, а пекарите вчера најавија доколку биде донесена ваквата одлуката ќе прекинат со производство и дистрибуција на леб од денот на излегување на одлуката во Службен весник.
Ваквите одлуки на Владата следуваат откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажале дека дел од компаниите не ги намалиле соодветно цените на своите производи.